Атлантик Група успешно отплови преку океанот што го раздвојува стариот од новиот свет и сега произведува еден од своите најуспешни брендови во САД. После успешните подготовки, во Харизбург во сојузната држава Пенсилванија денес започна производството на деликатесните намази Argeta, од кое и се очекува да донесе заработка од три милиони долари првата година.

Синоним за најдобра паштета

Под строги критериуми за следливост, користејќи ја врвната технологија усовршена во регионалните фабрики – во Изола и во Хаџиќи во Босна и Херцеговина, Argeta ќе се произведува ексклузивно за северноамериканскиот пазар во соработка со американската компанија Brother&Sister во Харизбург. Како што е познато, Argeta се прави само од парчиња месо со највисок квалитет без нуспроизводи од месната индустрија, таа може да се пофали со престижни меѓународни сертификати за квалитет и не содржи конзерванси или какви било други адитиви.

Во ноември и декември 2017 година, во соработка со локални дистрибутивни партнери, почнавме со интензивна дистрибуција на Argeta на речиси две илјади продажни места во САД и Канада и тоа наскоро ќе биде придружено со силна промотивна кампања, прво на продажните места и на дигиталните медиуми. Ензо Смрекар, генерален директор на стратешкото деловно подрачје Деликатесни намази на Атлантик Група, објасни дека ова е значаен чекор напред за брендот, кој е еден од најмоќните амбасадори на стратегијата за интернационализација на Атлантик, не само во Европа, туку и во прекуморските земји.

 Потенцијал што ќе знаеме како да го искористиме

„Не претеруваме кога велиме дека Argeta е најголемиот бренд за паштета во светот, бидејќи гледано поединечно, меѓу големиот број брендови паштети најмногу се продава Argeta. Низ децениите работа на обезбедување на квалитетот и постојани иновации во нејзиниот производен опсег, тоа ја направи Аргета синоним за најдобра паштета во Југоисточна Европа. Како еден од главните фактори во процесот на интернационализација во целата Атлантик Група, ние се одлучивме за храбра и амбициозна, но сепак добро испланирана реална стратегија за проширување надвор од Европа, каде што сме веќе добро поставени. Во Австрија, Argeta има удел на пазарот од над 37 проценти, во Швајцарија нејзиниот удел е речиси 30 проценти, а во Германија и Шведска напредуваме над стабилните 10 проценти. Сега ја отвораме вратата на американскиот пазар со огромен потенцијал што ќе знаеме да го искористиме“, рече Смрекар.