За правилно функционирање на веб-страницата и за подобрување на вашите искуства користиме колачиња: потребни, аналитички и маркетиншки. Со нив можете да управувате со кликање на „нагодување на поставките“. Детални информации можете да најдете во нашата Политика за колачиња.

РЕЦЕПТ ЗА ВКУСЕН ДОМАШЕН ЛЕБ

Време за читање 10 min Сподели

Правењето вкусен домашен леб со крцкава кора и нежна и мека средина, всушност, е многу едноставно. Сè што ви е потребно се вистинските состојки и малку труд.

Состојки:

  • 500 g обично бело пченично брашно
  • 340 ml топла вода
  • 1 кесичка сув квасец
  • 2 кафени лажички сол
  • 2 кафени лажички шеќер
  • 1 кафена лажичка маслиново масло

Ферментирање на квасецот:

Започнете со ферментирање на квасецот. Иако сувиот квасец, всушност, нема потреба од ферментација, ова е едноставен начин како да се провери дека квасецот сè уште е активен. Тоа, исто така, значи дека нема непотребно да го потрошите брашното доколку произлезе дека не е активен!

  1. Истурете ја кесичката со сув квасец во 340 ml топла вода и додадете две кафени лажички шеќер.
  2. Оставете да стои 10 минути. Ако површината почне да се пени и на неа почнат да се појавуваат меурчиња, тоа значи дека квасецот е активен и подготвен за работа!

Замесување на тестото:

  • Просејте 500 g брашно во длабок сад и направете дупка на средината. Важно е да го просеете брашното за да се уверите дека нема грутки.
  • Додадете ги солта, маслиновото масло и смесата од квасецот и водата.
  • Користете дрвена лажица за да ги измешате сите состојки и да направите тесто.
  • Месете го тестото во садот сè додека не го собере целото брашно, а потоа префрлете го на набрашнета штица.
  • Месете 5-10 минути така што ќе го фаќате горниот раб и ќе го туркате надолу и во насока наспроти вас, користејќи го коренот на дланката. Континуирано свртувајте го тестото како што месите.
  • Тестото се меси додека не стане мазно и кога ќе престане да се лепи на основата на дланката или на прстите.
  • Замесеното тесто ставете го во сад и покријте го со крпа.
  • Сега е време за првото нараснување кое трае 1,5-2 часа. Волуменот на тестото треба да се удвои за тоа време. Уверете се дека тестото ќе го ставите на топло место, подалеку од провев.

Упатство за печење:

Печењето леб секогаш е поделено во две фази – во првата фаза тестото сè уште нараснува, што значи дека мора да има присуство на влага, а печењето се одвива на повисока температура; во втората фаза, температурата се намалува и изворот на влага се отстранува со цел да се создаде крцкава, златна кора.

Постојат неколку начини на печење леб во домашна рерна. Овде ви објаснуваме два: печење во тенџере со капак и печење на плех за печење:

  • Доколку имате доволно големо тенџере од леано железо или керамика со капак, можете да стимулирате ефект на печка за леб во вашата рерна дома. Во таков случај, првата фаза на печење се одвива во тенџере со капак за да се спречи испарување, а втората фаза е во непокриен сад.
  • Доколку немате соодветен сад, лебот печете го во голем плех за печење, така што ќе додадете и сад со врела вода во рерната за време на првата фаза.

Подготовка на рерната:

Температурата наместете ја на 220°С, вклучувајќи ги и горниот и долниот грејач.

Ако користите тенџере со капак, ставете го и тенџерето во рерната. Доколку користите плех за печење, ставете го во рерната заедно со садот во кој потоа ќе истурите врела вода.

Рерната мора да биде целосно однапред загреана, затоа, пуштете ја да загрева најмалку 45 минути.

Обликување на векна:

  • Почнете да го подготвувате садот со кој ќе ја оформите векната. Може да користите кошница за леб или голема цедалка.
  • Во садот што ќе го одберете ставете чиста крпа и набрашнете ја.
  • Земете го садот со тестото и истурете го на набрашнетата површина и со раката одлепете го тестото залепено на страните.
  • За второто размесување, едноставно фатете го делот од тестото наспроти вас, повлечете го кон вас и притиснете го во остатокот од тестото. Повторете го процесот и на левата и десната страна, а потоа и на долниот дел од тестото.
  • Свртете ја векната и попрскајте ја со брашно, потоа ставете ја во избраниот сад така што мазната страна да биде свртена надолу.
  • Покријте го со краевите од крпата и оставете го уште 30-45 минути да нарасне.

Печење во тенџере:

  • Загреаното тенџере извадете го од рерната, внимавајќи да не се изгорите.
  • Внимателно свртете ја векната и нарежете ја на површината според ваша желба, користејќи остар нож или жилет.
  • Ставете ја векната во тенџерето, веднаш ставете го и капакот и ставете во рерната.
  • По 15 минути, тргнете го капакот и намалете ја температурата на 200°С.
  • Печете уште 25 минути и вашиот леб е готов.

 

Печење на плех:

  1. Зовријте приближно 300 ml вода. Извадете го загреаниот сад од рерната и истурете ја врелата вода во него.
  2. Ставете хартија за печење на дрвена штица. Внимателно свртете ја векната и нарежете ја на површината според ваша желба, користејќи остар нож или жилет.
  3. Загреаниот плех извадете го од рерната, внимавајќи да не се изгорите.
  4. Векната, заедно со хартијата за печење, ставете ги во плехот и потоа во рерната загреана на 220°С.
  5. По 15 минути, извадете го садот со вода од рерната и намалете ја температурата на 200°С.
  6. Печете уште 25 минути и вашиот леб е готов.

 

Одмарање:

Ставете го лебот на штица за ладење или мрежа и оставете го еден час да се одмори, непокриен.

Сега, останува само уште да ја земете вашата омилена Аргета паштета и да ја намачкате на парче леб : )

Уште еден последен совет: ако немате квасец при рака, може да користите сода бикарбона.

Леб со сода

Состојки:

  • 500 g бело пченично брашно
  • 360 g јогурт
  • 90 ml вода
  • 1 кафена лажичка шеќер
  • 1 кафена лажичка сода
  • 1 полна кафена лажичка сол

Подготовка:

  1. Рерната загрејте ја на 200°С.
  2. Измешајте ги брашното и содата и ставете ги во голем длабок сад. Додадете ги шеќерот и солта.
  3. Измешајте ги јогуртот и водата, истурете ги во садот и добро измешајте.
  4. Оформете го тестото во векна.
  5. Набрашнете ја, пресечете крст на површината и ставете ја во загреаната рерна.
  6. Печете 45 минути.

Повеќе